Средновековни градови и тврдини во Македонија

Иван Микулчиќ

 

ПРЕДГОВОР

 

 

Средновековието е претходникот на нашето време, на новиот век. Корените на оваа земја и на нејзините жители ги следиме наназад во средновековието. Таму далеку, скриени зад превезот на вековите, лежат нашата рана младост, нашето детство, нашите вистински почетоци.

 

Меѓутоа, колку знаеме за нашето минато?

 

Малубројните историчари — медиевисти, од една страна ни ја доловиле политичката историја на ова поднебје обоена, главно, со темни тонови, во која како куси одблесоци се издигаат епопејата за Самоил и за неколкуте бунтови и востанија. Можно ли е во овој предолг временски период да немало и други значајни нешта, вредни за одбележување? Од друга страна, културната историја, на степенот на денешните сознанија, навестува многу пошироко вреднување на тоа мрачно средновековие на овие исти простори. Во сферата на духовното творештво достојно се вреднуваат достигнувањата во средновековната писменост и книжевност, на црковниот живот и на ликовните уметности врзани за црквата. Слични напори се прават и на полето на музичките, философските, религиските и другите истражувања на македонското средновековие.

 

Во споредба со ова, истражувањата во рамките на материјалното творештво на средновековна Македонија останале ограничени на неколку помали сегменти. Археолошки или историско - уметнички, најдетаљно е истражен средновековниот накит кој што е ископан во стотиците некрополи ширум Македонија. И средновековната нумизматика делумно е обработена. Другите стандардни археолошки наоди — керамиката, постројките и покуќнината, оружјето и орудијата, одвај се допрени. Уште полоша е состојбата со истражувањата на недвижните споменици на културата — на формите на живеалиштата и на другите градби, на градежната технологија, на просторното планирање на населбите, фортификациското искуство и др. Во таа насока и со таа образложеност ја гледаме и појавата на оваа книга.

 

Покритичните и малициозните најверојатно ќе ми забележат дека мојата основна преокупација во изминатите години беше творештвото од античката епоха во Македонија. Но, во ваквите околности кога нема никој друг, се одлучив да составам еден преглед на средновековните

 

5

 

градови во Македонија, документиран со соодветна фактографија и техничка документација, благодарејќи им на долгогодишните теренски искуства кои сакам да им ги пренесам на помладите истражувачи.

 

Зошто истражуваме градови? Од своите почетоци до денес, цивилизацијата е врзана токму за градовите. Од таму доаѓа и нејзиното име. Цивил (cives) на латински значи граѓанин, жител на град. Цивилизацијата е синоним на градската култура, значи на највисоката форма на културното живеење воопшто. Низ овој труд читателот ќе може да се увери колку бавно и со колку маки се раѓале првите тврдини - градчиња, потоа колку познати и непознати нешта биле потребни, само некои од нив да се вивнат и да го достигнат степенот на еден вистински град. А колку лесно било истите да се уништат и да паднат во заборав, како никогаш да не постоеле. Тоа е и основната порака на книгава.

 

На крајот, ја користам можноста да му се заблагодарам на професорот Георги Старделов, еден од нашите врвни естетичари и културолози, кој што го иницираше пишувањето на овој труд во рамките на макропроект „Историјата на културата на Македонија”.

 

Книгата беше замислена како еден од претходните томови на оваа едиција, во издание на МАНУ, Скопје. Меѓутоа, техничките и другите околности обусловија како издавач да се јави и издавачката куќа „Македонска цивилизација” од Скопје.

 

Голема благодарност ѝ искажувам на професорката Елица Манева, медиевистка, за рецензијата на ракописот. Им се заблагодарувам на Министерството за наука и на Министерството за култура, како и на Институтот Отворено општество на Македонија во Скоаје за финансиската поддршка укажана за печатењето на книгава.

 

Не помала благодарност ѝ должам на г-ца Давча Спасова за техничката доработка на дел од илустрациите, потоа на м-р Виктор Лилчиќ, мојот долгогодитен асистент и теренски соработник. Нему му се заблагодарувам и за големиот број планови на средновековните тврдини што со мене заедно или самиот ги снимаше на теренот, како и за низа други информации од теренот и конечно му благодарам и за тоа што се нафати заедно со издавачот, сопругата Јелена, технички да ја оформат и да ја издадат оваа книга.

 

Проф. д-р Иван Микулчиќ

 

Институт за историја на  уметност и археологија

Философски Факултет, Скопје

 

Во Скопје, мај 1996

 

[Next]

[Back to Index]